Процесот на имунизација против Ковид – 19 на населението во Струга се одвива без проблеми.
Досега, како што информира директорот на Здравствен дом – Струга Андон Ложанкоски, една доза вакцини примиле 15.100 лица, а со две дози се вакцинирале 13. 477 пациенти.
Според него, имало интерес и за трета доза од производителот „Фајзер", која досега била аплицирана кај 1.514 стружани.
– Интерес за вакцинација има кај сите возрасни групи, но најголем е кај повозрасните, од над 60 години. И за трета доза најмногу се заинтересирани повозрасните пациенти и медицинскиот персонал, изјави Ложанкоски.
Во моментот, во струшкиот Здравствен дом се аплицираат вакцини против Ковид – 19 од производителот „Фајзер", но, како што информира директорот, се чуваат и од кинеските „Синовак", за ревакцинација, односно втора доза, за оние пациенти што примиле прва доза од овој производител.
– Апелирам до населението да се вакцинира што помасовно, за ублажување на последиците од Ковид – 19, подвлече Ложанкоски.
Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, за периодот од 22 до 28 ноември во Струга се вакцинирало 36,4 отсто од населението. Процентот на вакцинација на децата од 12 до 18 години е околу 41 отсто, додека 44,5 проценти е опфатот на вакцинација на лицата над 18 години.