Фото клубот од Охрид по повод патрониот празник на градот – „Свети Климент Охридски“ утре ќе ја отвори традиционалната изложба.
Членовите на Клубот по 23 пат пред јавноста ќе презентираат свои најуспешни остварувања. Во изложбената галерија на Центар за култура „Григор Прличев“ ќе бидат презентирани повеќе од 50 фотографии од 12 автори изработено на слободна тема.
– Дваесет и три години Фото Клуб Охрид живее со и за фотографијата. Дваесет и три години на нашите сограѓани за празникот на градот им подаруваме изложба на фотографии, во тоа не не спречи пандемијата ни немањето на просторија во која членовите на клубот ќе се собираат, едуцираат и творат. Секој од членовите тука ја најде слободата да се изрази преку фотографијата, а на градот да му подари дела со трајни вредности. Продолжуваме понатаму побогати со нови искуства, нови млади талентирани членови, нов ентузијазам и нова надеж за подобри услови за работа, посочуваат од Фото клубот од Охрид.
Отворањето на изложбата е закажано за 18 часот.