Учениците од вишите одделенија од кумановското основно училиште „Браќа Миладиновци“ месецов, последователно следат настава од далечина, сè додека не се санира покривот што протекува, информираа денеска надлежните од училиштето.
За одлуката е информирано ресорното Министерство за образование и наука кое распиша тендер за избор на компанија за санација на кровната конструкција на централната зграда на училиштето.
– Кровот прокапува и за да обезбедиме безбедно следење на наставата, советот на родители, училишниот одбор одлучија една недела онлајн настава да следат, шестоодделенците, втората недела седмодделенците, па осмите и последната недела од месецот деветоодделенците, изјави директорката на училиштето Јасмина Спасовска.
Таа потсети дека е информирано Министерството кое објавило повик на 13 ноември на кој училиштето аплицирало со проект изработен од ЈП „Куманово-план“ за санација на покривот.
– Проектот ни е одобрен и се избира изведувач кога ќе биде избрана компанија и ќе се почне со санација на покривниот покривач. Со оглед на тоа што имавме проблеми на почетокот на учебната година, последната санација на покривот од буџетски средства на општината беше извршена на 9, 10 и 11 октомври годинава. Но, со оглед на оштетеноста на покривот, санацијата беше недоволна, покривот прокапува и одлучивме дел од учениците во еден момент да следат настава од далечина, изјави Спасовска.
Таа се надева дека градежните активности за санација на покривот ќе се реализираат за време на зимскиот распуст.