Факултетот за образовни науки (ФОН) при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип денеска одржа дебата на тема „Образованието од Климента до денес“. Деканката на ФОН при УГД-Штип, Емилија Петрова-Ѓорѓова вели дека иако Климент творел во 11 век, сепак меѓу неговото време и денес се случувале многу нешта на овие простори.

-Свети Климент се уште е инспирација на педагозите, учителите, историчарите и теолозите и затоа ние денес се одлучивме наши професори од различни области, коишто ги имаме на Факултетот за образовни науки, го проучуваат неговото дело и се поддржувачи на тие општи човекови вредности, коишто владеат до ден денес и секој од свој агол и свое истражување покажат како го доживуваат Климент, вели Петрова-Ѓорѓова.

Посочи дека целта на Климент била описменување на населението, а сега во земјава има повеќе универзитети, факултети. Смета дека нашата држава има писмена нација. Но, треба да се работи на зајакнување на професијата учител.