Жители на селото Сирково денеска повторно протестираат на влез во селото, барајќи од Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта, да им се изгради приклучок кон новиот брз пат Градско-Прилеп.
Претседателот на месната заедница Веле Коцев повтори дека проблемот ги засега уште од 2015-2016 година.
– Ако не добиеме приклучок, ќе мора да трошиме време и пари и да вртиме со километри, за да стигнеме до патот кој го гледаме пред нас, на околу двеста метри. Ќе ни стагнира развојот, ќе ни се иселат младите Станува збор за второ по големина село во општината Росоман со над 500 жители, а редовно овде има и викендаши, нагласи Коцев.
Тој беше дециден дека доколку не се добие позитивен одговор на нивното барање, можно е и радикализирање на мирниот протест со блокада на постоечкиот регионален пат Градско-Прилеп.