Избрано новото раководство на Здружението Фолклорна група „Копачка”, с.Драмче, Делчево. За нов претседател е избран досегашниот секретар Перса Стојановска.
Стојановска истакна дека патот кој го трасираше поранешниот претседател Димитар Узунски, кој неодамна почина, е единствениот пат по кој ќе продолжи „Копачката“ успешно да чекори во својство на носители на национално и светско културно наследство – орото „Копачка”, кое е заштитено од УНЕСКО како дел од Репрезентативната листа на нематеријални културни наследства.
– Нашиот досегашен доживотен претседател кој ја раководеше ,,Копачката” над 55 години, ни остави една неизмерно богата ризница на материјали, од чиј дел се состои и целокупниот наш репертоар. Неговиот јавно искажан став дека во мене го гледа идното раководење на Групата, го заживеа заветот дека мора да се опстои на патот на негувањето на пијанечкиот фолклор, истакна Стојановска.
Во таа насока проектот кој здружението го има пред конечна реализација насловен „Соба на Димитар Узунски за културното наследство на Пијанец“, ќе остане да сведочи, за големото значење на ликот и делото на пијанечкиот Цепенков, најавувајки дека Здружението ќе продолжи да дава иницијативи за овековекување на неговите лик и дело и преку други разни форми и содржини.
Во рамки на одржаното собрание на ЗФГ „Копачка” с. Драмче, Делчево донесени се и одлуките за избор и именување на останатите членови на Претседателството, во органите и телата, согласно Статутот на Здружението, при што за нов секретар е избрана Лидија Дамјанова.
Здружението ја усвои и Програмата за работа за следната година која носи наслов „Негување, трансмисија и одржливост на пијанечкиот изворен фолклор, со акцент на „Копачката“ во УНЕСКО“, програма преку која како што додадоа, согласно Статутот се реализира, мисијата, визијата, целите и активностите на Здружението.