Колумна на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел и еврокомесарката за меѓународни партнерства Јута Урпилаинен
На почетокот на оваа година, ЕУ и Бразил инаугурираа нов кабел со оптички влакна за да пренесува терабајти на податоци побрзо и побезбедно меѓу нашите два континенти. Ова им помага на научниците во Европа и Латинска Америка да работат заедно, на прашања од климатско моделирање до ублажување на катастрофи. Кабелот започнува во ЕУ, каде што Општата регулатива за заштита на податоците на ЕУ (ОРЗП) стана златен стандард за заштита на податоците, а завршува во Бразил, кој неодамна воведе сличен закон. Кабелот поврзува два континента, градејќи економија на податоци што ја почитува приватноста на податоците на своите граѓани. Вака Европа пристапува кон поврзувањето – зближување на партнерите без создавање несакани зависности.
Во јуни беше потпишана уште една кредитна линија од 100 милиони евра финансирана од програмата за социо-економско закрепнување на регионот на Западен Балкан. Во Северна Македонија, овие средства, имплементирани преку ЕИБ, имаат за цел да го поддржат побрзото закрепнување на малите и средните претпријатија од економската криза предизвикана од КОВИД-19, преку обезбедување пристап до финансии за зголемување на продуктивноста, инвестиции во дигитализација, циркуларна економија, зголемување на конкурентноста и интеграцијата во регионалните и пазарите на ЕУ. Ова се примери на она што го нарекуваме Тим Европа, што ги обединува сите оние кои работат со нашите партнери за поддршка на зелената и дигиталната транзиција.
Од почетокот на мандатот на Фон дер Лајен Комисијата, двојната зелена и дигитална транзиција во Европа беа во првите редови. Со новата Глобал Гејтуеј стратегија, ЕУ продолжува да ја промовира зелената и дигитална транзиција на глобално ниво.
Во свет на меѓусебна зависност, каде синџирите на снабдување ја покажуваат својата кршливост, знаеме колку е важно поврзувањето. Видовме и како врските што не поврзуваат исто така може да се користат и како оружје. Тековите на податоци, енергетските извори, ретките почви, вакцините и полупроводниците се сите инструменти на моќ во денешниот свет. Поради што треба да обезбедиме глобалното поврзување и пристапот до овие текови да се засноваат на правила и меѓународни стандарди.
Додека тековите на стоки може да бидат идеолошки неутрални, правилата што ги регулираат се испреплетени со политичките вредности. Особено во дигиталниот домен, Европа и другите демократии мора да се погрижат стандардите на иднината да ги одразуваат нашите основни вредности.
Европа сака да ги намали прекумерните зависности и да биде поавтономна во области како што е производството на компјутерски чипови. Нашата автономија е засилена доколку сите наши партнери имаат алтернативи при донесувањето на нивните инвестициски одлуки. Повикот и понудата на Европа до нашите партнерски земји за решавање на потребите за инвестиции во инфраструктурата е финансиски, социјално и
еколошки одржливо поврзување. Без „одвишни работи„ и без „замки за долг“ туку проекти кои се одржливи и им служат на потребите на локалното население.
За Европа да го совлада предизвикот за поврзување, ѝ требаат не само принципи и рамки, туку и соодветни ресурси и јасни приоритети.
Прво, ќе ги користиме ресурсите на Тим Европа, ЕУ и нејзините земји-членки на попаметен, поефикасен начин. Глобал Гејтуеј ќе мобилизира инвестиции од повеќе од 300 милијарди евра во јавни и приватни фондови за развој на глобалната инфраструктура помеѓу 2021 и 2027 година, финансирајќи ја климата и дигиталната транзиција, — како и здравството, образованието и истражувањето. Половина од инвестициите ќе ги мобилизираме со помош на буџетот на ЕУ, а другата половина укажува на планираните инвестиции од европските финансиски институции и развојните финансиски институции на земјите-членки.
Ги ремоделиравме нашите финансиски алатки за да ја обезбедиме огнената моќ што може да ги спои заемите и грантовите и да ги обезбеди потребните гаранции денес. Воведовме механизми за филтрирање на ненормално ниските тендери и заштита од понуди кои имаат корист од нарушувачките странски субвенции, кои ги поткопуваат рамноправните услови на конкуренција. Исто така, ќе се погрижиме внатрешните програми на ЕУ – ИнвестЕУ, нашата истражувачка програма, Хоризонт Европа и фондот за поврзување на Европа – да го поддржат Глобал Гејтуеј, заедно со развојните банки на земјите-членки, националните промотивни банки и агенциите за извозни кредити.
Се разбира, капиталот од приватниот сектор ќе остане најголемиот извор на инвестиции во инфраструктурата. Затоа ја истражуваме можноста за воспоставување Европски извозен кредитен фонд кој ќе ги надополни постојните аранжмани за извозни кредити на ниво на земја-членка. Ова би помогнало да се обезбеди порамноправно поле за конкуренција за бизнисите на ЕУ на пазарите во трети земји, каде што тие сè повеќе треба да се натпреваруваат со странските конкуренти кои добиваат голема поддршка од нивните влади.
Второ, за приоритетите, Глобал Гејтуеј идентификуваше голем број водечки проекти. Ова го вклучува проширувањето на кабелот БЕЛА до остатокот од Латинска Америка, како дел од дигиталната алијанса ЕУ-ЛАЦ; значителна поддршка за нови стратешки транспортни коридори и производство на обновлива енергија во Африка; проширување на Трансевропската мрежа за подобрување на транспортните врски со земјите од Источното партнерство и Западен Балкан и зголемено финансирање за програмата за размена на студенти Еразмус+ ширум светот.
Во суштина, Глобал Гејтуеј е да покаже како демократските вредности нудат сигурност и правичност за инвеститорите, одржливост за партнерите и долгорочни придобивки за луѓето ширум светот.