Албанскиот претседател Илир Мета реагираше во врска со запленувањето на 1,5 тони канабис во Измир, Турција, прошверцувана од Албанија.
За Мета ова е вознемирувачка вест и показател дека хашиш сè уште се произведува со висока стапка во земјата.
-Со голема загриженост и вознемиреност го следев случајот со заплената во близина на Измир на рекордно количество дрога прошверцувана по морски пат од Албанија. 1,5 тони дрога е една од најголемите количества шверцувани од Албанија во Турција по морски пат, што покажува дека производството на хашиш, во овој случај најновиот вид на сканк, и неговата трговија од организирани криминални групи, продолжува со високи стапки во земјата, напиша Мета во објава на Фејсбук.
Тој дополнително апелира до властите да спроведат целосна и длабинска истрага за оваа криминална трговија и да ги изведат сторителите пред лицето на правдата.
Шефот на државата оценува дека ваквите случаи „претставуваат црни рекорди за државата“ и ги повикува Владата, органите на редот и безбедносните институции во земјава, да ја покажат потребната политичка волја, како и да ги зајакнат професионалните капацитети и соработката на терен, за да се спречат ваквите случаи кои претставуваат црни рекорди за државата.
-Исто така, повикувам на целосна и темелна истрага за оваа криминална трговија и изведување пред лицето на правдата на сите оние кои стојат зад неа. Исто така, го повикувам Собранието да ја зголеми својата улога во надзорот на борбата против трговијата со дрога и организираниот криминал, се вели во објавата на претседателот Мета.
Како што во вторникот објавија албанските медиуми „обновена е старата рута за шверц на дрога со гумени чамци од Албанија во Турција“ и оти се запленети 1,5 тони марихуана(сканк) истоварени во планински дел, покрај морето. Во акцијата биле уапсени тројца албански државјани, кај кои биле пронајдени и три пиштоли.