Министерот за одбрана на Бугарија, Георги Панајотов е предложен од преодната влада за нов бугарски амбасадор во САД. Тоа го соопшти владиниот информативен систем за правни информации.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, одлуката на бугарската влада е од вчера и му предлага на претседателот Румен Радев да го ослободи актуелниот амбасадор на земјава во Вашингтон, Тихомир Стојчев.
Панајотов седум месеци беше министер за одбрана на Бугарија во две последователни преодни влади, назначени од претседателот Румен Радев. Негов наследник ќе биде времениот бугарски премиер Стефан Јанев. Панајотов има 25-годишно професионално дипломатско искуство во областа на безбедносната политика, мултилатералната, билатералната и регионалната дипломатија, како и човековите права. За време на неговиот мандат, Панајотов испратил барање до производителот на американските воени авиони Ф-16 Блок, околу условите за набавка на нова ескадрила за бугарското воено воздухопловство.
Тој беше и постојан претставник на Бугарија во ОН во Њујорк, како и заменик амбасадор во САД и Авганистан. Претходно беше на чело на политичкиот оддел во бугарската амбасада во Албанија, бил началник на оддел на НАТО при бугарското МНР, како и амбасадор за специјални безбедносни задачи во Црноморскиот регион, а на почетокот на кариерата бил референт во Дирекцијата за Југоисточна Европа.