Американските компании ќе изгубат повеќе од три милиони работни денови поради поплавите во 2022 година и ќе се соочат со влошени економски последици во наредните децении, бидејќи климатските промени поттикнуваат се поекстремни временски услови, предупредија истражувачи.

Очекуваната штета следната година, врз основа на проценетите трендови, претставува годишна загуба од речиси 50 милијарди долари за локалните економии во градовите од Мајами до Питсбург, покажа истражувањето на Фондацијата Фрст Стрит (First Street), непрофитна организација која се занимава со мапирање на климатските ризици.

Во новата студија, истражувачите даваат сеопфатен поглед на очекуваниот ризик од поплави за бизнисите и локалните економии во САД, закана која често се потценува бидејќи фокусот обично е на поплавените домови и материјалните загуби на домаќинствата.

– Ова е сосема друга димензија на ризикот од поплави. Станува збор за комерцијални активности, економска активност која ја поддржува целата заедница, вели Џереми Портер, шеф за истражување и развој во Фондацијата.

Севкупно, локалните бизниси во САД би можеле да изгубат 3,1 милиони работни денови во 2022 година поради поплавите, а се проценува дека тој број ќе достигне четири милиони до 2052 година, бидејќи заканата од поплави се зголемува, се наведува во студијата. Истражувачите открија дека околу 730.000 малопродажни, бизнис и станбени згради со повеќе станбени единици денес се изложени на ризик од проектирани штети од поплави во САД.