Претседателот на Албанија Илир Мета изрази загриженост поради, како што наведе, засилените напори на Република Српска да се повлече од државните институции и да создаде паралелни институции на армијата, судовите и даночниот систем во БиХ.

Мета на својот Фејсбук профил оцени дека со поткопувањето на Дејтонскиот договор е загрозена регионалната стабилност и животите на граѓаните од сите националности.

Тој додаде дека ваквите потези „сериозно му штетат на владеењето на правото и на перспективите за европска интеграција на државите и на регионот”.

„Иницијативата на пратениците на Собранието на Република Српска да почнат да работат на создавање на овие институции и изготвување нов Устав е спротивна на 26-годишните напори на босанските граѓани, локалните лидери и меѓународната заедница за зајакнување на мирот и безбедноста во БиХ”, напиша Мета.

Тој ги повикува на ангажман во дијалогот политичарите на Република Српска и на Федерацијата Босна и Херцеговина за решавање на нивните спорови во меѓусебна доверба, со цел да се унапредат неопходните реформи за подобрување на животот на граѓаните, унапредување на државните интегративни процеси, што би послужило и за зајакнување на мирот и безбедноста на целиот Западен Балкан.