Поранешниот главен државен обвинител на Албанија, Адриатик Лала, по кого албанските власти имаат распишано меѓународна потерница, се наоѓа во Рим, Италија, каде побарал политички азил.

Тој пред извесно време се појавил во Канцеларијата за миграција во Италија, барајќи политички азил со образложение дека „судскиот процес и кривичното гонење против него се догматизирани од внатрешни и надворешни политички фактори кои дејствуваат во Албанија.

Посебниот Апелациски суд на 22 октомври ја потврди одлуката на Специјалниот суд против корупција и организиран криминал, со која на Лала му е изречена казна затвор во траење од две години, одземање на имот и забрана за вршење јавна функција во период од пет години.

Врз основа на пресудата за конфискација му се одзема стан во Драч од 60 квадратни метри и четири парцели во вкупна површина од 22.000 квадратни метри, за кои не можел да го оправда потеклото.

На функцијата главен обвинител Лала беше избран во декември 2012 од страна на албанскиот Парламент со 101 глас „за“, со претходно постигнат консензус меѓу политичките партии.

До неговото заминување од функцијата во ноември 2017 година се сметаше за еден од највлијателните луѓе во Албанија, од кого многумина стравуваа. Во 2018 година, на Лала му беше забранет влез во САД поради сомневање за вмешаност во корупција. Забрана за влез во САД има и за неговата сопруга и двете деца.