Локалните власти на шпанскиот Канарски остров Ла Палма донесоа одлука со која се бара речиси 33.000 жители на неколку општини да се засолнат во своите домови од отровните гасови што ги испушта вулканот Камбре Виеја, кој почна да еруптира пред три месеци.

Регионалната влада на архипелагот им нареди на жителите на општините Лос Ланос де Аридан, Ел Пасо и Тазакорте да се засолнат поради многу лошиот квалитет на воздухот бидејќи вулканот испушта сулфур диоксид. Во овие општини живеат речиси 33.000 луѓе, што е 38 отсто од населението на Ла Палма.

„Затворете ги вратите, прозорците, ролетните и спречете го воздухот да навлезе однадвор. Ако е можно, засолнете се во просториите кои се наоѓаат повеќе во внатрешноста на домот“, советува регионалната влада, додавајќи дека климатизерите и греењето треба да се исклучат, а вратите и прозорците да се затворат.

Вулканот Камбре Виеја еруптираше на 19 септември, првпат по 50 години. Засега нема жртви, но материјалната штета е голема. Повеќе од 7.000 луѓе беа евакуирани, од кои некои останаа без ништо.

Тоа е најдолгата ерупција на островот и трета во последните сто години, по ерупциите на вулканот Сан Хуан во 1949 година и Тенегвија во 1971 година.