Амбасадорот на Јапонија Хиронори Савада денеска го потпиша петтиот грант договор во 2021 година, во рамки на јапонската GGP-грант програма за мали проекти за човекова безбедност во Република Македонија, чија цел е подобрување на основните човекови потреби. Проектот за обезбедување на Општина Босилово со комунално возило во износ од 67.820 евра има за цел да го подобри квалитетот на комуналните услуги за граѓаните.
– Новото комунално возило ќе му овозможи на општинското претпријатие за комунални дејности да обезбеди одлагање на отпадот и чистење на дивите депонии преку зголемување на капацитетите за одржување чиста и здрава животна средина за граѓаните на општината, наведоа од Амбасадата на Јапонија во земјава.
Церемонијата за потпишување на грант договорот ја отвори драдоначалникот на Босилово, Ристо Манчев, а учествуваа амбасадорот на Јапонија, Хиронори Савада, заедно со директорот на Општинското претпријатие за комунални дејности „Огражден “Митра Зафирова, во Босилово.
Ова е прв грант дониран од страна на Јапонија за Општина Босилово во рамките на GPP-грант програмата за мали проекти.
Преку програмата за мали грантови (GGP), Јапонија финансира проекти за реновирање и обезбедување опрема за повеќе од 70 училишта и градинки и 57 здравствени установи и обезбеди 31 возило за одржување и комунални возила за 49 општини.
Севкупно, Јапонија ја поддржува Северна Македонија во повеќе сектори и тоа инфраструктурен развој, подобрување на здравствената нега, образованието, животната околина, култура, спречувањето на природни катастрофи, бегалската криза, како и итна помош, во вкупен износ од повеќе од 422.3 милиони евра, како и дополнителна нефинансиска поддршка.