Израелската Влада планира да изгради нови еврејски населби во Источен Ерусалим, објави израелскиот весник Харец.
Весникот посочува дека предлогот вклучува нов кварт во Шеик Џара, еден во близина на Портата на Дамаск, два во близина на Бејт Сафафа и по еден во Сур Бахер и во Бејт Ханина.
– Тоа ќе доведе до иселување на палестинските жители, вклучително и од квартот Шеик Џара, наведува Хаерц.
Одлуката на израелскиот суд донесена во јануари за иселување на седум палестински семејства од нивните домови во Шеик Џара, во мај предизвика жестоки судири меѓу Палестинците и Израелците на окупираните територии.
Во Бејт Сафафа се планира да се изградат вкупно 470 станбени единици, а во Бејт Ханина се предвидува да биде изградена населба на 6.000 метри квадратни.
Изминатите години Израел ги засили своите активности за населување во Источен Ерусалим.
Западен Брег, вклучувајќи го и Источен Ерусалим, според меѓународното право се смета за „окупирана територија", поради што сите еврејски населби таму се нелегални.