Министрите за надворешни работи на Европската унија се согласија да воведат санкции кон цели поврзани со руската приватна воена компанија „Вагнер“, обвинета за дестабилизација на Украина и делови од Африка.
Групата, за која западните престолнини велат дека работи во име на Кремљ во конфликтните зони, ќе биде подложена на замрзнување на имотот на осуммина нејзини поединци и три компании, наведуваат европски дипломати.
Претседателот на Врховниот државен совет на Либија, Калед ал-Мисри, вчера изјави дека во неговата земја има над 7.000 вработени во руската приватна воена компанија (ПМЦ) „Вагнер“. Тој додаде дека компанијата има 30 авиони во воздушните бази во Гардабија и дека платениците копаат ровови во пристаништето Сирт и градот Куфра.
Ал Мисри кажа дека Русија „барала земја преку која ќе го задржи своето присуство во Северна Африка“ и се населила во Либија.
Според шефот на либискиот Државен совет, руските платеници се обидуваат да ја заземат централна Либија откако ќе доведат свој човек на власт во Централноафриканската Република (ЦАР).
Арапски новинар на Би-Би-Си во октомври изјави дека платениците на групата „Вагнер“ биле префрлени од либиски Бенгази во Мали. Според него, Либија станала транзитна точка за руската војска.
Минатиот месец ЕП усвои резолуцијата за која „за“ гласа 585 европратеници, 40 беа „против“, а 43 „воздржани“, и со која ЕУ најостро ги осуди „ужасните злосторства извршени од групата „Вагнер“ .
Американското Министерство за одбрана приватната руска воена компанија ја смета за полномошник на руската држава.
Групата „Вагнер“ од 2014 година е распоредена и во Крим и во источна Украина, а нејзини платеници досега интервенираа во Сирија, Судан, Мозамбик, Либија, Централноафриканската Република и Венецуела, соопшти Европскиот парламент