Поранешната данска министерка за имиграција, Ингер Стојберг е осудена на 60 дена затвор за недолично однесување на функцијата, откако специјален суд денеска ја прогласи за виновна.
Јасно мнозинство од судот за импичмент, специјално назначен за ова судење, утврди дека Стојберг дејствувала со намера во случај со разделувањето на двојка баратели на азил од Сирија.
Обвинителството бараше четири месеци затвор, а одбраната ослободителна пресуда.
– Многу сум изненадена, морам да кажам, рече Стојберг коментирајќи ја пресудата, на која не може да се жали.
Мнозинството од судот утврди дека инструкциите во суштината на случајот биле незаконски, рече претседателот на судот Томас Рордам по донесувањето на пресудата во Копенхаген.
Вкупно 25 од 26 судии биле за осуда, а еден бил за ослободителна пресуда, рече Рордам.
Стојберг беше министерка за имиграција и интеграција од 2015 до 2019 година за време на тогашниот шеф на владата Ларс Локе Расмусен.
Конзервативната политичарка е обвинета дека незаконски наредила разделување на двојка од Сирија бидејќи жената била малолетна.