Жителите и дуќанџиите на улицата „Страшо Пинџур“ во Тетово се жалат дека веќе трет месец се соочуваат со лошата состојба на оваа сообраќајница што е во фаза на реконструкција. Од октомври таму е отстранет асфалтот па сега мора да се поминува по земјен пат полн со дупки.

Оваа улица е од плоштадот до музичкото училиште во должина од 350 метри.

– Поминувањето по оваа улица е страшно и хаотично, одвај проодно. Поради тоа што го нема асфалтот се појавуваат големи дупки и кога се минува над нив се соочуваме со опасност од оштетувања на возилата. Улицата почна да се реконструира на почетоткот на октомври и од тогаш е предизвик да се помине со возило низ неа. Со оглед дека е земја на улицата постојано е со кал кој останува на обувките, па така го носиме во домовите и во дуќаните, објаснуваат жителите и сопственици на дуќани со разни дејности на улицата „Страшо Пинџур“.

Од Општина Тетово информираат дека изведувачот на работите доцнел со работите по што е направен анекс на договорот за да продолжи и да ја заврши реконструкцијата на улицата.

– По наредбата од новиот градоначалник за стопирање на градежните работи што биле во тек на градба, формирана е комисија за верификација на состојбата и констатираа дека договорот склучен меѓу Општина Тетово и изведувачот бил со истечен рок. После тоа склучен е анекс договор за продолжување на рокот за изведба од 01.12.2021 до 01.05.2022 и продолжување на времениот режим на сообраќајот. По склучениот анекс договорот на изведувачот му дадовме налог за продолжување на градежните работи, но поради временските услови се отежнаа работите на терен и во зависност од временските услови ќе се продолжи со градежните работи, соопштија од службата за односи со јавноста при Општина Тетово.

Улицата „Страшо Пинџур“ е една од двете улици кои водат од плоштадот кон северниот и западниот дел од градот.