Дваесет сертифицирани негователи од Струга им помагаат на стари, болни и изнемоштени лица, на кои им е потребна помош во домашни услови во рамките на проектот „Нега и грижа во домот за стари лица“ што го реализираат општинската организација на Црвениот крст, во соработка со Светска банка, Министерството за труд и социјална помош и Општина Струга.

Проектот, како што појасни секретарот на струшкиот Црвен крст Адуриме Даути, е наменет за лица со намален функционален капацитет, кои неможат сами да се грижат за себе, со цел да им се помогне да продолжат да живеат во сопствениот дом и да водат независен живот во заедницата.

– Услугата обезбедува помош во вршење основни потреби како што се лична хигиена, облекување, мобилност во домот, хранење, користење тоалет, менување пелени и инструментални меѓу кои поддршка при чистење, посредување за поправки, перење, готвење, пазарење, надворешна мобилност, земање медицинска терапија) и други активности од секојдневниот живот до 80 часа месечно за едно лице, истакна Даути.

Лицата кои имаат потреба од ваква помош, нагласи, треба да аплицираат до Центарот за социјални работи во Струга, од каде социјални работници вршат увид и проценка за состојбата на барателот и врз основа на тоа носат решение. Ако лицето ги исполнува критериумите да добие помош за грижа во домот, решението се доставива до општинската органзиација на Црвениот крст, од каде ги поврзуваат корисникот со сертифициран неговател.

– Во моментот имаме 17 активни негователи, од 20 сертифицирани. Но сеуште пристигнуваат барања од стари лица и со добивање решенија од Центарот ние ќе ги поврземе. Во наредниот период очекуваме поголем интерес, односно поголема информираност на корисниците, истакна Даути.

Проектот почна да се реализира од октомври, годинава, а Црвен крст – Струга постојано информира преку медиумите и социјалните мрежи со цел нформациите да стигнат до крајните корисници, да се пријават и да ги користат бенефитите од услугата.