Министерот за надворешни работи, Бујар Османи оствари средба со нерезидентната амбасадорка на Израел за Македонија со седиште во Ерусалим, Симона Франкел.

Како што соопшти МНР, Османи изрази задоволство од развојот на билатералните односи меѓу двете земји, засновани на меѓусебна доверба и почит, со посебен акцент на потребата за интензивирање на економската соработката и трговската размена.

Воедно, соговорниците изразија задоволство од неодамнешното полноправно членство на Република Македонија во Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот.

На разговорот, беа разменети и мислења за надворешно-политичките приоритети на двете земји, како и за актуелните меѓународни прашања и регионални теми.