Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја повика Кина да ги прекине своите „агресивни акции" во индо-пацифичкиот регион, за време на неговата прва турнеја низ Југоисточна Азија.
„Ние сме решени да гарантираме слобода на пловидба во Јужното Кинеско Море, каде што агресивните практики на Пекинг се закануваат на трговијата вредна повеќе од 3.000 милијарди долари секоја година", рече тој во говорот на Универзитетот во Индонезија во Џакарта. Тој, исто така, ја потврди посветеноста на Вашингтон за „мир и стабилност во Тајванскиот теснец". Државниот секретар вети дека ќе го „заштити правото на сите земји да го изберат својот пат, без никаков притисок или заплашување".
„Ова не е натпревар помеѓу регион со американско или кинеско опкружување… Постои голема загриженост, од североисточна Азија до југоисточна Азија и од реката Меконг до пацифичките острови, поради агресивните дејства на Пекинг", додаде тој.
Тој ја обвини Кина дека „ отвореното море го сметаат како своја територија", за „нарушување на отворените пазари преку субвенции за нејзините државни претпријатија" и дека „одбила извоз или раскинува договори со земјите што ги оспорува". „Земјите од регионот сакаат таквото однесување да се промени. И ние исто така".