Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови, во соработка со Европската унија, им достави на црногорските власти досиеја за случаи кои истражуваат повеќе од 15 осомничени за тешки кривични дела, вклучително и убиства, тортура, сексуално ропство и силување.
Во извештајот, претставен до Советот за безбедност на ОН од претседателот на механизмот, судијата Кармел Агиус, се вели дека соработката продолжила преку заеднички проект на Механизмот на ЕУ кој го поддржува остварувањето на внатрешната одговорност за воени злосторства.
„Во текот на извештајниот период, проектот постигна значајни резултати со пренесување до црногорските власти досиеја за повеќе од 15 осомничени за кои се верува дека се одговорни за тешки кривични дела, вклучувајќи убиства, тортура, сексуално ропство и силување. Проектот ќе продолжи да обезбедува правна и доказна поддршка на властите за да покренат истраги, да подготват обвиненија и да ги гонат осомничените за воени злосторства”, се наведува во извештајот, јави Радио телевизија Црна Гора.
Серж Брамерц, обвинител на Механизмот, судското тело што ја презеде преостанатата работа на двата трибунали на ОН за воени злосторства во Руанда и поранешна Југославија, го информираше Советот за безбедност на ОН за напредокот постигнат во судските процеси и жалбите.
Постојаните членки на Советот за безбедност на ОН изразија различни ставови за улогата и оправданоста на постоењето на Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови. Додека претставниците на западните земји целосно ја поддржаа работата на тој суд, Русија го критикуваше недостатокот на активности за завршување на неговата работа.