Литванската премиерка Ингрида Симоните денеска ги одби оставките на министерот за надворешни работи, Габриелиус Ландсбергис, и на министерот за транспорт, Мариус Скуодис, кои соопштија дека ќе се повлечат поради транзитните испораки од Белорусија и покрај американските санкции, јави ДПА.

Симоните денеска кажа дека владата ќе продолжи со својата работа без каква било промена во персоналниот состав.

ДПА појаснува дека во Литванија министрите ги именува и разрешува претседателот, на предлог на премиерот.

Двајцата министри ги понудија св ите оставки заради испораките на белоруски ѓубрива што продолжија да се пренесуваат до Литванија со железница.

-Секоја голема реконструкција може да доведе до нестабилност, рече Симоните, нарекувајќи го ова неодговорно, имајќи ја предвид проблематичната геополитичка ситуација и тековните предизвици на пандемијата и миграцијата.

Литванската државна железничка компанија сè уште пренесува ѓубриво од компанијата „Белорускали“, иако стапија на сила американските санкции насочени кон белоруската државна компанија.

Литванската железничка компанија соопшти дека е тоа така затоа што „Белорускали“ извршила авансни плаќања според постоечките договори. „Белорускали“ голем дел од своето производство го извезува преку Литванија, појаснува германската агенција.

Американските санкции беа воведени во август и стапија на сила на 8 декември, а се поврзани со насилното задушување на мирните протести по спорните претседателски избори во Белорусија минатата година.

Литванија се смета за еден од најгласните застапници на белоруското демократско движење ширум светот, а владата во Вилнус бара строги санкции кон Минск.