Ученици и професори од кумановското основно училиште „Браќа Миладиновци“ заедно со врсници и професори од повеќе европски држави Италија, Полска, Романија, Словачка, Турција, Унгарија се вклучени во два Еразмус проекти, соопштија денеска надлежните од училиштето.

– Во основното училиште Браќа Миладиновци тековната недела од 13 до 17 декември е богата со проектни активности и збиднувања. Имено во рамките на ERASMUS+ програмата се реализираат два проекти во кои учествуваат 30 ученици од шесто до деветто одделение. Поради ограничувањата за патување предизвикани од пандемијата, и двата проекта се реализираат онлајн, изјави професорката и еден од координаторите на проектот, Ана Гиевска.

Првата виртуелна мобилност насловена „Секој има своја приказна (Everybody has a story)“ е организирана и предводена од „Браќа Миладиновци и вклучени се ученици од деветто одделение. Целта на проектот е да се поттикне читањето од најрана возраст, да се дискутира за бенефитите од редовно читање како што се – збогатување на речникот, намалување на стресот, подобрување на меморија, стекнување на нови знаења. Воедно преку презентации и видеа, на проектот ги претставуваме убавините на нашата земја. Исто така со различни апликации и алатки сите учесници имаат можност да ги искажат своите вештини и креативност. Учениците дискутираат и соработуваат со свои врсници од тимовите на земјите партнери-Италија, Романија, Турција и Унгарија.

Во втората виртуелна мобилност под наслов „Emphaty a way to the human being“ се вклучени ученици од шестите одделенија кои имаат можност да следат презентации на тема социјална емпатија и нејзина важност во општеството. Учениците играат игри поврзани на оваа тема, изработуваат постери и споделуваат свои искуства и знаења со ученици од партнер училиштата од Словачка, Турција и Полска. Целта на овој проект е развивање на чувство за емпатија и социјална одговорност, разбивање на културолошки бариери и стереотипи, намалување на агресија меѓу врсниците во училиштата.

– Преку овие активности нашето училиште успешно ја привршува изминатата година, вклучувајќи ги своите ученици во несекојдневни, интерактивни проекти кои нудат нови знаења. Токму стекнувањето на нови знаења и размена на добрите практики и искуства се цел на EРASMUS програмата, изјави Гиевска.