Општина Куманово денеска ги повика граѓанските организации на дебата за определување на приоритетите за претстојниот јавен повик кој ќе го објави Куманово во рамки на потпишаниот Меморандум за соработка со УНДП, за проектот „Регионална програма за локална демократија во Западен Балкан (ReLOaD 2)”. Дебатата ќе се одржи утре во кружната сала на поранешен Комитет со почеток во 11 часот.

-Проектот во наредните четири години има за цел да ја зајакне партиципативната демократија и интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, преку зајакнување на граѓанското општество и младите. Целта е активно учество во донесувањето одлуки и подобрување на правното и финансиско опкружување за граѓанските организации (ГОи). Во рамки на програмата Општината започна со реализација на активности, изјави, раководителот на одделението за стратешко планирање, креирање политики, следење и ЛЕР, Донка Петровска.

Претставниците на граѓанските организации ќе ги разгледаат приоритетните области, заштита на животна средина, социјална кохезија и намалување на сиромаштија, туризам и култура, младински иницијативи, со повеќе потточки во кои се опфатени различни идеи за унапредување на животот на граѓаните.