Поради пандемијата со Ковид-19, десеттата генерација додипломци и шестата генерација постидпломци нема да бидат дел од заедничка промоција како во изминатите години, кога во големиот амфитеатар на факултетот, покрај славениците често беа присутни и нивните најблиски, потврди Гоце Велески, секретар на Правниот факултат Кичево.

-Поради пандемијата со Ковид-19 и протоколите за заштита од коронавирусот,одлучивме годинава да не организираме заедничка промоција за 75 додипломци и 40 постдипломци на Правниот факултет Кичево. Со овој проблем навреме ги запознавме славениците дека годинава ќе нема заедничка промоција и ќе мора поединечно да доаѓаат на факултетот за да ја подигнат дипломата за завршените соодветни студии, кои очекуваме да бидат изготвени до крајот на наредната недела, истакна Велески.

Додаде дека на Правниот факултет Кичево, со дисперзирани студии во Битола и Струга, со статус дипломирани правници досега се стекнале 1068 студенти, додека во исто време 325 магистрирале на трите насоки на факултетот – Граѓанско право, Меѓународно право и Казнено право и криминологија.

-Покрај завршените додипломци и постдипломци, Правниот факултет Кичево летово го доби и првиот доктор на правни наука – Емилија Ицоска од Битола. Во исто време на овој факултет настава следат уште девет докторанди, кои очекуваме наредните неколку години да се стекнат со највисока академска титула, додаде Велески.