Командата на Бригадата за Југоисточна Европа ((South-Eastern Europe Brigade-СЕЕБРИГ) со седиште во Куманово, денеска донираше компјутери и речници за учениците од основното училиште, „Крсте Мисирков“. Донацијата ја врачија припадниците на бригадата кои им посакаа успех и добро здравје на учениците и наставниците од училиштето.

– Традиција е овие денови, луѓето да разменуваат желби и подароци. Денеска имаме можност да бидеме тука и да понудиме симболичен подарок на оваа основно училиште од Куманово како знак и доказ за почит не само за наставниците кои вршат многу важна работа со учениците, туку и за целото општество во Куманово и властите за гостопримството и одличната соработка во овие 17 месеци, откако беше преместено седиштето во вашиот град. Сакам да им посакам на сите среќен Божиќ и Нова година, убави празници поминати во здравје, мир и просперитет и успех на сите, рече бригаден генерал Аристедеис Илиопулос.

Директорот на училиштето, Филип Колевски и професорот по инфораматика, Бобан Поповски се заблагодарија на командата за донацијата за која кажаа дека ќе помогне за подобрување на квалитетот на образовниот процес.

И кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски се заблагодари на бригадата и на генералот, укажувајќи дека ова е еден од многуте примери на успешна соработка во рамки на цивилно-воената соработка.

– Тие се веќе присутни тука 17 месеци, претставени се повеќе држави во овие мултинационални мировни сили во градот. Секогаш подготвени да излезат во пресрет и да помогнат на колективната безбедност како во нашата држава, така во регионот. Ја поздравувам нивната мисија и посакувам и понатаму да продолжи соработката на едно високо и успешно ниво, воопшто не разговараме за висината на донацијата, туку самиот гест што го направија припадниците на СИБРИГ бригадата за нас е од големо значење и јас верувам дека ваквите проекти ќе продолжат и во иднина. Општина Куманово отсекогаш имала високо ниво на соработка со Армијата и секако ќе продолжиме да биде така и во иднина, изјави Димитриевски.

Тој се надева дека соработката ќе продолжи како и досега, посочувајќи го мотото на бригадата-еден тим една мисија.

Командата почна со работа во кумановската касарна „Боро Менков“ во август 2020 година и во неа членуваат Северна Македонија, Бугарија, Грција, Албанија, Романија и Турција.