Дваесет и еден редовен студент на државните универзитети во земјава ќе добијат едногодишни стипендии, што од сопствениот буџет ги обезбеди Општина Кочани. Финансиската поддршка ќе им биде исплатена за период од десет месеци, за тековната студиска година.
По јавниот повик на конкурсот, со кој беа планирани вкупно 30 стипендии, во предвидениот рок пристигнале 23 пријави.
– Комисијата утврди дека двајца кандидати од вкупниот број пријавени, не ги исполнуваат критериумите, односно едниот студира на приватен униврерзитет, а другиот не ги задоволува определените услови за стипендирање. Веќе е изготвена ранг листа на студентите што ќе добијат финансиска поддршка, при што забележлива е голема разлика во бодувањето, за што причина се различните критериуми според кои се доделуваат стипендиите. Очекуваме деновиве студентите да ги потпишат и договорите, со што ќе може да им се исплаќаат по три илјади денари месечно, истакна Голубина Георгиева, претседателка на Комисијата за стипендирање.
Приоритет за стипендирање имаа студентите кои студираат на струки што се утврдени како дефицитарни во општината, односно девет се на медицински и фармацевтски науки, четири на градежништво и архитектура, а останатите се запишани на општествени и природни науки.
Меѓу критериумите за доделување стипендии Комисијата го имаше предвид и успехот во студирањето и материјалниот статус на студентот, при што дополнители бодови добиваат децата на самохрани родители и студенти со посебни потреби.