Општина Јегуновце денеска со свеченост одбележа 25 години јубилеј од конституирањето на првиот Совет и формирање на Општината како единица на локална самоуправа. На овој датум во 1996 година се одржала и првата седница на Советот.

–Сакам да упатам благодарност до сите чинители кои придонесоа Општина Јегуновце денес да биде локална самоуправа и институција што ги решава проблемите на граѓаните. Во знак на благодарност доделив благодарници за особен придонес и промоција на општината на вработените во општина Јегуновце, основните училишта „Александар Здравковски“ од Јегуновце, „Симче Настовски“ од Вратница, „Шемшово“ од Шемшово вклучувајќи ги и подрачните училишта, ЈОУДГ „Јаболчиња“ од Јегуновце и Библиотека „Светлина – Дрита“, изјави градоначалникот Димитар Костадиноски.

Тој додаде дека благодарници добија и истакнати спортисти и млади кои беа симболично финансиски наградени како знак на благодарност за постигнатите резултати и промоција на општина Јегуновце.

-Сите заедно, јас како градоначалник, Советот, граѓаните, институциите имаме обврска и потреба заеднички да работиме, да носиме одлуки за подобрување на животот на сите нас кои живееме во населените места во општина Јегуновце, посочи Костадиноски.

Општина Јегуновце има 11 населени места и околу 9 000 жители, вкупна површина од над 176 квадратни километри.