Набавката на компјутерите е завршена за 33-та советници во Куманово, оној кој не сака може да го врати, општината ќе одлучи каде ќе го прераспредели, вели градоначалникот Максим Димитриевски по реакција на дел од советниците. Набавката на електронската опрема е редовна по завршување на четиригодишен мандат, компјутерите се неопходни за работата на советниците, смета Димитриевски.

– Ако некој смета дека може да работи без лаптоп, тогаш може слободно да се откаже, да не го подигне а ние ќе најдеме начин дали ќе го користиме во општината, или пак ќе го дадеме на користење во некоја друга јавна институција или некое училиште. Во последните две години општината има издвоено големи средства за набавка на високотехнолошка опрема и опремување на училиштата, не само што ги опремивме со електронски уреди, туку и со електронски смарт табли. Можеби сме една од ретките општини во државата каде што во најголем број од училиштата поседуваме ваква опрема. Политички изјави не сакам да коментирам, мислам дека одредени претставници во Советот треба да одлучуваат врз база на нивните лични ставови коишто ги носат, изјави Димитриевски.

Тој додава дека многу поскапо е одржувањето на дотраената опрема, а дека пракса во општината е старите електронски уреди да одат на сервис и доколку се во добра состојба се користат за различни сектори или одделенија во општината.

Општина Куманово одвои 622.660 илјади денари со вклучен ДДВ за набавка на 33 лаптоп компјутери за потребите на советниците од Советот на Општина Куманово.

Советот на општина Куманово брои 33 членови од различни политички партии и граѓански листи, десет од Коалицијата од СДСМ, осум од иницијативата „За наше Куманово“, седум од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, четворица советници од ДУИ, двајца од Алијанса на Албанците и по еден од БЕСА и од Левица.