Американските безбедносни служби апелираа до учениците да останат дома откако закани се појавија на социјалната мрежа ТикТок. На таа мрежа имаше најави дека денеска ќе се случат пукотници низ училиштата во САД. Имаше и закани за бомбашки напад, јавија американските медиуми. „ФБИ сериозно ги сфаќа сите закани. Редовно работиме со нашите партнери за да процениме колку е опасна каква било закана. Иако продолжуваме да ја следиме ситуацијата, засега не знаеме за некоја посебна закана за ниту едно од училиштата во регионот на Лос Анџелес“, изјави портпаролот на огранокот на ФБИ за тој град, јавија локалните медиуми.

Од друга страна, полицијата, ФБИ и училишното раководство сметаат дека се работи за предизвик на ТикТок или се објавуваат пораки како изговор да не се оди на училиште до почетокот на зимскиот распуст. Без разлика на таа можност, полицијата и училиштата презедоа мерки, а нивото на безбедност е зголемено, како и бројот на патроли на местата каде што има образовни институции. Полицијата во Масачусетс објави дека нема „посебни закани во Салем, но полицијата ќе биде во поголем број во училиштата отколку што е вообичаено“.