Заврши реконструкцијата на прозорците во кумановското основно училиште „Магдалена Антова“, информираа денеска надлежните од општината и од училиштето.
Заменети се старите прозорци со нови на дел од училишната зграда.
За реконструкцијата, општина Куманово од буџетот одвои 642.243 илјади денари на претходно објавен јавен повик на кој е избрана фирма од Зрновци која ги изведуваше градежните активности.
– Претходно, беше целосно заменет стариот кров од азбестни плочи со нов кров. Продолжуваме со подобрување на условите во училиштата, информира кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.
Директорот на училиштето, Живко Стојковски рече дека со оваа инвестиција, значително ќе се подобрат условите за изведување на наставата за 700 ученици од прво до деветто одделение.
– Направивме предлог пресметка и ја доставивме до општината, чекаме и да се подготви проектот и да аплицираме до општината и МОН за замена на фасадата со нова енергетско-ефикасна, за замена на подови во осум училници и санитариите. Се надеваме дека ќе ни бидат одобрени средства за реализација на овие проекти, изјави Стојковски.
Надлежните од училиштето очекуваат и изградба на современо игралиште кое ќе го користат учениците, но и клубовите и жителите на населбата Карпош.