Секторот за внатрешни работи Тетово-Отсек за превенција започна со реализација на планираните активности во рамки на кампањата „Не користи петарди и пиротехнички средства“, која неодамна беше официјално проморивирана од Министерството за внатрешни работи.
На повеќе јавни места во населените места во локални самоуправи, училишта, објекти во кои почесто престојуваат млади и други објекти, веќе се распределени и истакнати 210 постери (плакати), а дистрибуирани се и 1500 флаери на македонски и на албански јазик со превентивни пораки и други наменски таргетирани содржини.
Од денеска стартуваа и состаноци на граѓанските советодавни групи, на кои се укажува на законските и други импликации доколку се набавуваат, продаваат и активираат петарди и друга пиротехника. За истото, изјави денеска портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски, од полициски службеници непосредно се запознаваат и сопствениците на продавници и тезги на кои се нудат новогодишни украси и други реквизити, а засилени се и контролите на возилата на овој план.
– Овие активности ќе продолжат и во наредните денови, со цел да се превенира неовластениот промет и употреба на пиротехнички средства. СВР Тетово ќе ги санкционира сите кои нема да се придржуваат на законските прописи и мерки со изготвување на кривични или прекршочни поднесоци, зависно од тоа за каков случај станува збор, потенцира Јосифоски.
Неделава СВР Тетово откри и заплени над 26 илјади парчиња пиротехника.