Во Општа болница во Кичево денеска, во присуство на министерот за здравство Венко Филипче, амбасадорот на ЕУ во земјава Дејвид Гир, амбасадорот на Холандија Дирк Јан Коп и градоначалникот на општина Кичево Фатмир Дехари, свечено беше предаден во употреба новиот томограф, високо софистициран дијагностички апарат, еден од петте набавени со средства на ЕУ.

По повод ставањето во употреба на новонабавениот томограф министерот за здравство Венко Филипче изрази задоволство што целата држава е покриена со апаратура од најнова технологија, за да нема потреба граѓаните да патуваат од еден во друг град.

-Во Општата болница во Кичево инсталиран е најсовремен апарат за компјутерска томографија од производителот „Филипс“,што е дел од проектот на канцеларијата на Европската унија кај нас. Проектот е започнат во текот на минатата година и опфаќа инсталација на три магнетни резонанси во Струмица, Прилеп и „Свети Еразмо“ во Охрид и пет компјутерски томографи во Куманово, Кавадарци, Гевгелија, Кичево и на Клиниката за пулмологија во Скопје, рече министерот Филипче.

Тој нагласи дека сега ќе стави акцент на брза дијагностика и превентивни програми за рана дијагностика.

-На овие апарати ќе можат да се скенираат и крвни садови и срце, абодменални органи, може да стави акцент на рано откривање на одредена состојба, што би значело брзо излекување, додаде министерот и се заблагодари на евроамбасадорот Гир и на холандскиот амбасадор, Јан Коп.

Евроамбасадорот Гир беше задоволен од помошта што и ја пружи ЕУ за земјава и што ја снабди со високо софистицирани дијагностички апарати.

-Од самиот почеток на избивањето на пандемијата со Ковид-19 Европската унија беше присутна во испомош на вашата земја во обезбедување на медицинска опрема, заштитни маски и ред друга опрема, вклучувајќи и 800 000 вакцини што ги обезбедивме за Македонија. Би сакал да им одадам признание на вистинските херои што стојат зад нас, а тоа се здравствените работници кои работеа деноноќно да дадат помош на граѓаните во вашата земја. Но, една работа во текот на оваа пандемија беше јасна, а тоа беше недостигот на апаратура за рано дијагностицирање, рече меѓу другото амбасадорот Гир.

Амбасадорот на Кралството Холандија Јан Коп, земјата од каде што е набавена оваа опрема истакна дека овој проект покажува колку е важна и силната посветеност на ЕУ на модернизација на процесите во земјава. – Овој проект е од исто толкава важност за вашите пациенти, затоа што оваа опрема ќе го зголеми квалитетот и бразината на давање здравствени услуги на вашите граѓани, рече холандскиот абасадор Јан Коп.