Со свечена академија Универзитетот во Тетово ја одбележа 27-годишнината од основањето. Пригодни говори одржаа ректорот Решат Ќахили, претседателот на Собранието Талат Џафери и вицепремиерот Артан Груби. Одржана беше и културно-уметничка програма.

Ректорот Ќахили во обраќањето посочи дека Универзитетот во Тетово денеска го слави својот 27 роденден, како високо образовна институција која се роди од вековниот сон за образование на мајчин јазик и пожртвуваноста на цели генерации.

-Ако сега погледнеме од ретроспективно, пред нашите очи се појавува еден универзитет полн со динамика, кој постепено ги зазема контурите на водечка институција во земјата и регионот. Тоа најдобро го докажува самата траекторија на времето, која го познава само напредувањето и ништо друго.Тоа не го докажува само инфраструктурната консолидација, објектите, современите училници, научните лаборатории, спортските терени и спортската сала, туку, пред сè, за благородната работа на Универзитетот сведочи и издавањето на научните списанија на секој факултет посебно, кои се индексирани и на меѓународно ниво, со мобилноста на студенти, академскиот и административен кадар на најпрестижните европски универзитети, со учество во програмите на Европскиот совет, со придобивка од бројни меѓународни проекти, истакна Ќахили.

Тој посочи дека Универзитетот создаде кадри за државната администрација согласно Охридскиот рамковен договор, произведе просветни работници и наставници, инженери и економисти, лекари и уметници, како и влијаеше на духовниот развој на општеството и создавање мир и стабилност во државата.

-Затоа, наша задача е да се грижиме за севкупното зголемување на квалитетот во образованието, да ја продолжиме традицијата на профилирање на нашите кадри, но, пред сè, да креираме вистински програми кои го запираат трендот на заминување на младите од државата. Големите општествени трансформации бараат симбиоза на сите актери, но универзитетите мора да го водат овој процес и да бидат во постојана корелација со државните органи, потенцираше Ќахили.

Универзитетот почна со предавања во 1994 година, а во јануари 2004 година беше легализиран со усвојување на закон од страна на Собранието за основање на Државниот универзитет во Тетово.