Шефот на претседателскиот кабинет на Украина Андриј Ермак телефонски разговарал со американскиот помошник за национална безбедност Џејк Саливан за прашањето за Донбас и чекорите за „деескалација на ситуацијата околу Украина“. Ермак денеска тоа го соопшти преку Твитер.

„Како дел од тековниот дијалог имав уште еден телефонски разговор со Џејк Саливан. Разговаравме за дополнителни чекори за деескалација на ситуацијата околу Украина и деблокирање на мировниот процес (во Донбас)“, напиша тој. Ермак додаде дека ја цени „континуираната и ефективна интеракција“ меѓу Украина и САД.

Мирното решавање на конфликтот во Донбас се заснова на договорите од Минск, кои предвидуваат не само прекин на огнот, повлекување на оружјето, амнестија, обновување на економските врски, туку и длабока уставна реформа во Украина, која мора да резултира со децентрализација на власта, земајќи го предвид посебниот статус на некои региони на Доњецк и Луганск. Досега, сепак, овој план, потпишан во февруари 2015 година и наречен „Пакет мерки за спроведување на договорите од Минск“, не е спроведен.