Прокинеските кандидати извојуваа убедлива победа на парламентарните избори во Хонг Конг на кои им беше дозволено да учествуваат само „патриоти”, со рекордно низок одѕив на гласачи.
Излезноста на вчерашните избори со 30,2 отсто беше речиси половина од претходните парламентарни избори во 2016 година, а најновите резултати покажуваат дека речиси сите места им припаднаа на кандидатите кои го поддржуваат Пекинг. Повеќето од десетина „умерени” кандидати не успеаја да влезат во Парламентот.
На изборите им беше дозволено да учествуваат само на оние кандидати кои кинеската централна власт ги смета за „патриоти” односно прокинески, што беше осудено од активисти, странски влади и организации за човекови права.
Претходниот рекордно низок одѕив од 43,6 отсто беше забележан на изборите во 2000 година, по враќањето на Хонг Конг под кинеска власт. Како дел од реформата на изборниот систем, уделот на директно избраните мандати е намален од околу половина на помалку од една четвртина, на вкупно 20 места. Четириесет места се избираат од комисија составена од про-пекинг лојалисти, додека останатите 30 се пополнети од професионалниот и деловниот сектор.
Стапката на излезност за овие професионални групи, исто така е намалена од 74 отсто во 2016 година на 32,2 отсто, при што некои сектори чии гласачи традиционално се продемократски – вклучително образованието, социјалната заштита и правото – забележаа значително пониски стапки на излезност. Во 2019 година, на последните големи локални избори во Хонг Конг за места во општинските совети, излезноста беше 71 отсто, при што демократите освоија околу 90 отсто од 452 места.
Лидерката на Хонг Конг, Кери Лам изјави дека околу 1,3 милиони гласачки ливчиња се „доказ за поддршка за подобрен изборен систем”