Амбасадорката на Сојузна Република Германија Анке Холштајн и кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, денеска ја посетија фабриката „Дрекслмајер“ во Куманово, информираа денеска од фабриката преку соопштение до медиумите. Амбасадорката и градоначалникот се информираа за тековните и идните производни активности и стратешки проекти на компанијата како и за принципите и вредностите на кои се темели работењето на „Дрекслмајер“.

Компанијата како германска инвестиција во земјата ја отвори втората фабрика во земјава во Куманово во април, годинава, наведуваат во соопштението до медиумите од фабриката.

Според амбасадорката Холштајн новата „Дрекслмајер“ фабрика во Куманово поставува уште повисоки стандарди коишто ќе треба да ги следат и останатите фабрики во земјата и регионот, така што ќе се создаде поголема конкурентност во насока на понатамошни развојни подобрувања.

– Фокусот кон вработените, развојните стратегии и поддршката што ја добива заедницата се неколку клучни фактори коишто ја прават една инвестиција стабилна, а во истовреме и привлечна како работодавач, потенцира амбасадорката Холштајн.

Кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски очекува поголем економски развој и нови работни места во заедницата.

– Јас сум навистина импресиониран од она што имав можност да го слушнам, но и од она што можев да го видам во самата фабрика. Драго ми е што Куманово доби ваква капитална инвестиција која ќе донесе нови работни места, но и поголем економски развој на регионот, вели Димитриевски.

Директорот на „Дрекслмајер Македонија“, Лукас Мирингер за време на обиколката низ производствените капацитети на гостите им ги претстави најновите проекти и техничка опрема кои се на врвот на атрактивноста во делот на премиум сегментот на автомобилската индустрија.

– Драго ни е што имавме можност да им посакаме добредојде и на амбасадорката, но и на градоначалникот на Куманово за прв пат во Дрекслмајер Куманово, вели Мирингер, потенцирајќи дека во фабриката во Куманово важат истите меѓународни стандарди како и во останатите Дрекслмајер локации низ светот.

„Дрекслмајер“, неодамна им подари компјутерска опрема и таблети на учениците од неколку училишта во Куманово и кумановскиот регион. Од компанијата во соопштението до медиумите нагласуваат дека ќе иницираат и реализираат бројни проекти во заедницата каде што делуваат.