Во Кичево е отворен саем на книга во организација на издавачката куќа „Сакам книги“, која на штанд изложи околу 220 наслови од домашни и од странски автори од различни жанрови.
Дејан Стојаноски, претставник на издавачката куќа, рече дека Кичево е четврти град во земјава, по Делчево, Виница и Валандово, каде што организираат саем на книгата.
– Овој саем не е само изложбен, туку и продажен, и љубителите на убавата книга од градот во текот на денешниот ден можат да се снабдат со исклучително квалитетни и многу барани книжевни дела, како од домашни автори, така и од автори од странство, рече Стојаноски.
Додаде дека на денешниот саем се изложени околу 220 наслови од сите жанрови и дека на секој нареден саем понудата ќе биде збогатена со десетина дополнителни наслови.
Стојаноски е задоволен од интересот на граѓаните во Кичево да го посетат саемот. Најави дека слични саеми ќе бидат организирани и во други градови во земјава во наредните месеци во организација на оваа издавачка куќа формирана пред точно една деценија.