Општина Новаци ги поддржува процесите за родово еднакво буџетирање, потврди градоначалникот Стевче Стевановски на средба со Ивона Паунович Бишевац, национална координаторка на програмата за родово еднакво буџетирање.
Според Стевановски, родовиот аспект во локалните политики, родова еднаквост при буџетирањето, родово сензитивни политики во време на пандемија и ранливи категории се дел од темите на кои е посветена тамошната локална самоуправа.
-Родовата еднаквост е значајна и актуелна тема во изминатите години особено заради тоа што ние како локална самоуправа мораме да ги усогласиме и примениме законските ЕУ регулативи кои се однесуваат на оваа проблематика. Токму затоа имаме партнерски организации кои ќе ни помогнат со техничка и експертска поддршка за спроведување на националните и меѓународните обврски во однос на родовата еднаквост, во согласност со националните законски и стратешки документи, посочи Стевановски.
UN WOMEN како тело на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените на Општина Новаци ќе им обезбеди техничка и експертска поддршка за зајакнување на капацитетите на администрацијата и советниците за родово одговорно креирање политики и буџет.
-Како партнерски организации ние ќе им даваме поддршка експертска и техничка а партнерот ќе ги инкорпорира принципите на родова еднаквост во своите стратешки планови и буџети, ќе го инкорпорира начелото за еднакви можности на жените и мажите, ќе ги надгледува ефектите и влијанието кое нивните програми го имаат врз жените и мажите и ќе поднесува годишни извештаи за прогресот. Ние како организација ќе посредуваме во процесот на комуникација, ќе формираме меѓу секторска работна група за родова еднаквост, ќе развиваме последователни интервенции и родово специфични мерки, градење на капацитетите на советот и администрацијата, истакна Паунович Бишевац.
Општина Новаци е потписник на Меморандум за разбирање со UN WOMEN во рамките на проектот „Промоција на родово одговорни политики и буџети кон транспарентно, инклузивно и одговорно управување“.