Започна новогодишното украсување во Пехчево. Украсувањето го вршат служби од Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ кои започнаа од плоштадот „Св.Петар и Павле” во Пехчево каде се поставуваат новогодишни реквизити и украси во пресрет на новогодишните и божиќните празници.

-Како што претходно најавивме, одлучено е за новогодишно украсување да се користат старите реквизити и материјали со кои располага Општината. Тоа значи дека од Општинскиот буџет за новогодишно украсување нема да бидат користени дополнителни средства. Градот од денес се украсува со најразновидни светилки, светлосни фигури, дедомразовци, снешковци и многу други украси кои ќе го разубават просторот околу новогодишните и божиќните празнувања во центарот на Пехчево, истакнаа од Општината.

За градоначалникот Александар Китански, посочи дека поради енергетската криза потребата од заштеда на средства, годинава ќе биде украсено само централното градско подрачје.

-Оваа година, Локалната самоуправа предвиде симболично украсување на општината, имајќи ја предвид ситуацијата со корона вирусот, енергетската криза и тешката финансиска состојба. Средствата кои требаше да бидат потрошени за новогодишно украсување, ќе бидат наменети и искористени за други цели, односно за реалните потреби на нашите сограѓани или таму каде што е најпотребно, истакна Китански.

Со тоа како што посочи, Општината продолжува со рационализација на буџетските средства и нивно насочување кој реалните потреби на граѓаните. Активностите за украсување во централното градако подрачје во Пехчево се очекува да завршат до четврток.