Полициското одделение во Македонска Каменица започна со спроведување на превентивната кампања „Не користи петарди и пиротехнички средства“. Целта на кампањата со спроведување на редица активности е насочена кон граѓаните, односно најмладите, да им се укаже за можните опасности и последици од употребата на петарди и други пиротехнички средства.

-Појавата е посебно актуелна пред и за време на новогодишните и божиќните празници, а целта меѓу другото е и потенцирање на казнените законски одредби за неовластена употреба на пиротехнички средства на јавно место, што претставува општа опасност со која се загрозува сигурноста на граѓаните, истакнаа од Полициското одделение во Македонска Каменица.

Според Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, како што додадоа, согласно член 31 предвидено е глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност.

-Овој вид казна е за сите оние кои неовластено пукаат од огнено оружје, употребуваат пиротехнички средства или сличен експлозивен или лесно запаллив материјал, или на сличен начин го нарушува мирот и безбедноста на граѓаните. Согласно Кривичниот законик, во член 396 исто така е предвидено казна за недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи, при што, тој кој што неовластено изработува, држи, продава, набавува или врши размена со огнено оружје, муниција или експлозивни материи, ќе се казни со затвор од три до десет години, додадоа надлежните.

Најголемата казна, како што додадоа, е пет години затвор за поголемо количество на огнено оружје, муниција или експлозивни материи, кои на граѓаните им се забранети.