Сенаторот Џо Манчин, демократ од Западна Вирџинија, синоќа изјави дека не го поддржува нацрт законот за инвестицискиот пакет на претседателот Џо Бајден вреден 1.75 трилиони долари.

-Не можам да гласам за продолжување на работата над тој закон, изјави тој во интервју за телевизијата Фокс њуз.

Предизборното ветување на претседателот под слоганот „Да се изгради подобро од порано“, е план за внатрешни инвестиции во САД, а нацрт законот, веќе изгласан од Претставничкиот дом, предвидува зголемување на даноците за супербогатите и за компаниите од каде се планирани парите за овие инвестиции. Се работи за низа социјални програми како зголемени дотации за здравството и бесплатни градинки, како и за борба со климатските промени.

Манчин е умерен демократ и набљудувачите сметаат дека неговите забелешки се засновани на штитење на интересите на рударските компании во Западна Вирџинија, кои според него ќе настрадаат со општите промени во економијата предвидени со планот на Бајден, а со тоа илјадници луѓе би останале без работа.

Поддршката за овој закон од негова страна е клучна во Сенатот, каде демократите имаат тенко мнозинство, додека републиканците се обединети во својата одлука да гласаат против овој закон.

Манчин вчера даде друго објаснување зошто е против овој план. Укажа дека од него „сериозно ќе настрадаат“ способностите на земјата да се спротивстави на пандемијата и на геополитичките закани.

-Моите колеги демократи во Вашингтон се решени на кардинални промени во нашето општество и на тој начин нашата земја ќе стане многу по ранлива пред заканите со кои се судираме, изјави тој.

Додаде дека „е голем ризик да се издвојуваат тие средства при огромниот долг од 29 трилиони долари и инфлација кои што реално му штетат на трудољубивиот Американец кога точи гориво на бензинските пумпи, кога купува во продавниците и кога плаќа сметки за комунални услуги – тоа нема крај“.

Белата куќа се надева на продолжување на преговорите со Манчин. Тој и Бајден се сретнаа минатата недела и претседателот изјави дека бил убеден дека Манчин е согласен со рамката на планот „Да се изгради подобро од порано“ објавена од претседателот во септември. Белат куќа се надева дека законот ќе биде усвоен на почетокот на 2022 година.

Берни Сандерс, сенатор од Вермонт, вчера за Си-ен-ен изјави дека гласањето за нацрт законот треба да има без разлика на опозицијата од Манчин.

-Се надевам дека набргу ќе усвоиме моќен нацрт закон во Сенатот, и ќе му дадеме на Манчин можност да објасни на населението во Западна Вирџинија зошто нема дух да се спротивстави на влијателните групи кои бранат специфични интереси, изјави Сандерс.