Тетовскиот градоначалник Биљал Касами најави дека ќе се испитува зошто доаѓа до чести дефекти на новиот водоснабдителен систем во Тетово и ќе се бара долготрајно решение. Од петокот во Тетово се воведени рестрикции во водоснабдувањето поради најновиот дефект на овој систем кој носи вода од планинските реки од месноста Лешница до градската водоводна мрежа.

– Од ЈКП ни приложија осум проблематични точки на целиот довод на цевката од Лешница до пречистителната станица. Пред месец дена интервениравме и ја саниравме една од тие точки, но другите немавме време затоа што почна зимата. Една од тие осум точки е пукната и сега вработени во ова време се наоѓаат на место и се обидуваат да ја санираат и се надеваме дека за два-три дена ќе биде завршена таа работа, а на пролет ќе излеземе со целосна студија каде се тие точки и ќе интервенираме да ги санираме за следната година, изјави денеска Касами на улицата „Браќа Миладиновци“, каде присуствуваше на работите за санација на коловозната лента.

Тој оцени дека проект за Лешничкиот водовод е катастрофален „како и сите други проекти кои се нецелосно проектирани и реализирани“.

– Затоа ние сега се соочуваме со проекти за кои се трошени милионски суми пари од даноците на граѓаните и сега прават повеќе штета од колку што се од корист, додаде Касами.

Рестрикции на вода во Тетово има секој ден од 1 до 4 и од 13 до 16 часот, но според локални жители има делови од градот каде вода за пиење има само по еден до два часа дневно.