Европската куќа (Europe House) Крива Паланка годинава реализира над 150 настани и активности во кои биле вклучени повеќе од 600 млади луѓе од општината, Североисточниот и дел од Источниот регион. И деновиве, во екот на предновогодишната атмосфера, се реализираат уште неколку настани кои ги красат просториите на Европската куќа и го сумираат сработеното во местото на новата генерација, информираат од Европска куќа Крива Паланка.
Во соработка со Средното општинско училиште „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка, Совет на млади од градот и Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија, денеска се реализираше уште еден нов настан на кој присутните вкусија слатки гастрономски специјалитети благодарение на „Викторија тејсти корнер“, се слушаше музика во изведба на талентираните средношколци и истовремено се говореше за различните божиќни традиции кои земјите во Европската Унија ги практикуваат за време на празниците.
-Благодарност до сите млади што придонесоа за реализација на уште еден убав настан во нашето и нивно место за дружење и размена на идеи. Иако постојат разлики меѓу начинот на празнување на новогодишните и божиќните празници, откривме многу сличности како овие празници се празнуваат во ЕУ. На овој настан сумиравме и што сѐ имаме направено оваа година во местото на новата генерација, Europe House Крива Паланка и ги пренесовме нашите очекувања и желби за идни активности во Новата година, па оттука, мора да напоменам дека од отворањето на ова катче за младите до денес се реализирани близу 150 настани на кои вклучивме над 600 млади луѓе од општината, нашиот Североисточен регион и дел од Источниот. Сите настани ја обединија соработката со локалните институции, невладините организации од општината и регионот, младите, национални институции и организации, што ни дава мотив да продолжиме да го надградуваме сето досега сработено и да отвориме нови соработки за нови перспективи за вклучување и поттикнување на проактивни млади во заедницата, изјави Димитар Петровски од Европската куќа Крива Паланка.
Најави дека активностите продолжуваат и утре во соработка со Театар „Боеми“ ќе се одржи форум-театар со интерактивно вклучување на младите. Настанот ќе се одржи во кино салата на Центарот за култура Крива Паланка, а поканети се сите млади кои сакаат да дискутираат на тема „Корупција не-здрав дух да“.