Во Пехчево најмалите се запознаа со работата на општинската власт. Како што информираа од Општината, по повод претстојните новогодишни празници, дечињата од четврто одделение при деветолетката „Ванчо Китанов” со своите наставници имаа прием кај градоначалникот Александар Китански.

Во рамки на настанот со кратки рецитали, состави ‘‘Ако станам градоначалник‘‘ и креативни новогодишни подароци, изработени од самите дечиња тие им ја честитаа Новата Година на вработените во Општина Пехчево.

Градоначалникот Китански, истакна дека општината е секогаш отворена за сите граѓани на општината, а најголемата радост за него се ваквите посети.

-Ме радува што општинската зграда е посетувана од страна на децата. Општината е достапна во секое време и сите можат да ја посетат кога сакаат, а посебно се радувам на ваквите посети на дечињата кои се нашата иднина, нашето најголемо богатство, оние на кои најмногу им се радуваме и ги сакаме. Упатувам порака до сите деца да се развиваат во позитивни личности и секогаш да бидат ведри, насмеани и послушни дечиња и што повеќе да го минуваат слободното време во дружење и спортување, рече Китански.

Во знак на сеќавање на денешната посета, дечињата како што додадоа од Општината, на градоначалникот му подарија книга со желби за поубаво Пехчево изработени од нивните вредни раце.