Јован Величковски (99), еден од најстарите преживеани борци од НОБ и антифашистичката војна, денеска доби благодарница од Општинската организација на СЗБ од НОБ и граѓаните поддржувачи од Струмица. Признанието му е доделено за неговото учество како командант на Вториот баталјон на четвртата МНО бригада во ослободувањето на Струмица.

На скромната свеченост која беше организирана во седиштето на ОО на СЗБ од НОБ и граѓаните поддржувачи од Струмица, за дедо Јован зборуваше претседателката Соња Чурлинова.

-Овие луѓе имале големо срце и љубов кон татковината и нејзината слобода. Немале страв и со голема гордост се приклучиле во антифашистичката војна. За вас било голема чест да се земе оружјето во рака и да се тргне во војна. Кога зборуваме за Јован, кој е роден во 1923 година, тој е пример за борец и неговите сеќавања ние ќе продолжиме да ги пренесуваме на генерациите по нас, рече Чурлинова.

Таа додаде дека ќе се направат напори сеќавањата на Величковски да бидат сочувани преку печатење и издавање книга.