Засилените мерки и активности на Секторот за внатрешни работи Тетово за воспоставување поголем ред и безбедност со паркирањето во градот резултираат со 134 мерки за три дена. Односно толку возачи биле санкционирани за непрописно, погрешно паркирање, најчесто во таканаречени „двојни редови“.
-Во рамки на овие активности кои со несмален интензитет се реализираат претежно на двете најфреквентни тетовски улици, „Илинденска“ и „Маршал Тито“ овие три дена со специјалното возило „пајак“ подигнати се 40 возила, кои го попречувале нормалното и безбедно движење на други учесници во сообраќајот. Овие активности ќе продолжат и во наредниот период на сите улици во Тетово, а СВР Тетово апрлира до возачите да го почитуваат утврдениот режим за паркирање и да не ги оставаат возилата на недозволени места, а пред се на тротоари, во зона на крстосници или во „двојни редови“ и да создаваат големи сообраќајни мешаници, вели портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифоски.
На погрешно паркираните возачи изготвени им се поднесоци и ќе се соочат со законски предвидените парични глоби, кои за овој вид прекршоци се движат од 45 до 180 евра во денарска противвредност.