Во дворот на ОУ „Григор Прличев“ во Охрид денеска беше отворена првата сензорна градина во земјата, наменета за деца со попреченост во развојот, но и за промоција на концептот на инклузивност во образованието и општеството.
– Оваа сензорна градина е прва во државата, со повеќе функции, од општо дидактичко-поттикнувачки елементи, но пред се насочена кон ученици со интелектуална попреченост на кои им е потребна и социјализација, но и поголема конкретизација во процесот на учење што произлегува од нивните потреби, истакна Елена Мишиќ, раководител на проектот „Биди ИН. Биди Инклузивен. Биди Инклудиран“.
Во соработка со училиштето направени се неколку катчиња што ги стимулираат сетилата, но овозможуваат и конкретни искуства без кои учениците со попреченост не би можеле да ја совладаат наставната програма.
Мишиќ апелираше до јавноста и општествено одговорните компании за поголема мобилизираност за зголемување на подготвеноста за прифаќање на лицата со попреченост како една од европските вредности кон која се стреми општеството.
Билал Суџубаши, генерален директор на „Халк банка“, која ја поддржа реализацијата на сензорната градина, изјави дека банката со задоволство учествува во проекти наменети за општо добро.
– Убава детска насмевка во многу случаи е поважна од заработката…Особена вредност е да се биде поблиску до децата што имаат посебни потреби, така што наша интенција е и во иднина да бидеме дел од поддршката на слични проекти, рече Суџубаши.
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, истакна дека сензорните градини се новитет во земјата, а задоволство е дотколку поголемо што токму Охрид и училиштето „Григор Прличев“ се првите што добиваат такво опремено катче.
– Градината значително ќе ги подобри условите и ќе овозможи погоелма инклузивност на учениците со типичен и атипичен развој. Таа нуди широк спектар на сензорна стимулација и со нејзина употреба ќе се подобри пристапноста до образовните програми за учениците, рече Пецаков.
Тој посочи и оти Општина Охрид секогаш ќе биде подготвена за соработка и поддршка на проекти што имаат цел обезбедување услови за вклучување на учениците со попреченост во редовната настава и кои овозможуваат еднакви можности за секое дете независно неговите образовни потерби и можност. Охридскиот градоначалник повика овој пример да биде поттик на останатите компании да се вклучат и да придонесат во активности значајни за заедницата.