Во Србија се дадени 8.183.520 дози вакцини против коронавирус, а пријавени се 1.306 несакани ефекти, јави допсиникот на МИА од Белград.
Директорката на Институтот за јавно здравје Батут, Верица Јовановиќ за РТС изјави дека втора доза примиле повеќе од 3.189.000 лица, а трета доза примиле 1.687.756 граѓани.
Таа го повтори значењето на имунизацијата и ги повика сите да се вакцинираат и истакна дека денеска во Србија е точно една година откако започна имунизацијата против коронавирусот.
-Треба да постигнеме далеку поголем обем на имунизација, оцени Јовановиќ и апелираше до граѓаните поради појавата на омикрон сојот на коронавирусот особено да се внимава на почитување на сите епидемиолошки мерки.
Претставникот на Агенцијата за лекови и медицински помагала на Србија (АЛИМС), Јелена Митрашиновиќ изјави дека во АЛИМС се пријавени 1.306 случаи на несакани реакции на вакцините, а најголем дел од несаканите ефекти немало сериозен карактер и биле од локален тип и очекувани.
-Имаме шест пријавени случаи на тромбоза… и за три такви случаи, Националниот експертски тим донесе заклучок за можна поврзаност со имунизацијата, кажа таа и додаде дека е пријавен еден случај на миокардитис и два случаи на перокардитис кои не се медицински потврдени случаи и пациентите се препратени на лекари.
Митрашиновиќ кажа дека во АЛИМС е во тек постапката за регистрација на вакцината произведена од „Џонсон и Џонсон”.
-Во моментов побаравме дополнителна документација и кога ќе ја достават ќе го завршиме процесот на евалуација и ќе донесеме конечен заклучок за кој ќе ја информираме јавноста, кажа таа.